Датум на објава: 17.03.2021
Групата скопски велосипедисти „На точак“ сметаат дека реките што течат низ Скопје (дури и овие малите како Маркова Река) и пределите околу нив мора да се заштитат во планските документи на Град Скопје, поточно да се забрани градење, ископи за песок, депонирање и да се уредат како зелени појаси со пешачки и велосипедски патеки, како зелени коридори.
– Со соодветно уредување и ќе им се дадат можности за рекреација на граѓаните и повеќе ќе ги ценат реките и ќе се грижат за нив – сметаат од „На точак“.
Бидејќи Маркова Река поминува низ Пинтија, Лисиче и завршува во Вардар до Железничкиот мост, од „На точак“ предлагаат да се изгради патека по текот на Маркова Река која може да ги спои Јурумлери и Драчево на безбеден и пријатен начин за возење како транспорт и за рекреирање и додаваат дека вакви патеки може да ја поврзат цела околина на Скопје и се убедени дека ќе чинат помалку од еден автоцентричен булевар или вијадукт, а ефектите ќе бидат многу поплеменити.
Од Градот велат дека во 2017 година била изработена Студијата за воспоставување зелени коридори по теченијата на реките Серава и Лепенец, врз основа на што се изготвени Основниот проект за воспоставување зелен коридор по течението на реката Серава, како и Основниот проект за воспоставување зелен коридор по течението на реката Лепенец, кои за јавноста беа презентирани на крајот од минатата година.
Но, како што истакнаа градските власти, конкретно за течението на Маркова Река нема ваков план, бидејќи истата не е опфатена со Програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки и отворените канали и за расчистување на дивите депонии на подрачјето на Град Скопје за 2021 година, каде се опфатени теченијата на реките Вардар, Треска, Серава и Лепенец.
Извор: Вечер