Датум на објава: 26.03.2022
Деновиве во Пореч, Хрватска, е потпишан договор помеѓу претставници на градовите Пореч - Хрватска и Трст - Италија, со кој се продолжува соработката за проектот за Бесплатен автобуски превоз на релација Трст - Пореч, наменет за велосипедисти рекреативци. Со овој специјален превоз се овозможува превоз на патници заедно со нивните велосипеди, со цел, развој на велосипедскиот сообраќај во Пореч.
Станува збор за еднодневна рута, со поаѓање од Трст во утринските часови, и враќање назад во вечерните часови. Патниците имаат можност да одберат дали за назад ќе го користат бесплатниот автобуски превоз, или ќе се вратат со велосипед.
Претходната година, овој проект е означен за успешен со тоа што превозот го искористиле околу 600 патници. Бројката на велосипедисти воопшто не е мала со оглед на Ковид пандемијата, која во голем дел од периодот допринела за редуцирање на распоредот.
Идејата на овој проект е промоција на еколошките превозни средства со цел намалување на СО2 и зачувување на животната средина.
За крај, би сакале да ги мотивираме локалните власти во Македонија, во договор со македонските транспортни превозници, Македонски Железници и останати поврзани транспортни компании да овозможат делумно субвенцинирање или целосно покривање на средствата за реализација на ваков проект. Со тоа, не само што ќе се промовираат здравите навики, туку и ќе се промовираат културните и природни богатства во Македонија.
Возможно е!
Автор: Travelers Cycling