Датум на објава: 16.03.2022
Неколкуте последователни посапувања на горивата во Македонија и светот, директно не се одразуваат на граѓаните кои секојдневно го користат велосипедот како превозно средство. Во две објави „се пошегувавме“ на сметка на зголемуањето на цените на горивото, со што потенциравме дека цените на горивото за велосипеди останува исто засекогаш. И тоа е така. Поскапувањето на горивото може да се одрази само на цените за велосипедите, како и за резервните делови, но сепак, превозот ќе остане бесплатен. Тоа, за наша голема радост, ќе допринесе за зголемување на бројот на велосипеди по улиците, и соодветно на тоа, намалување на автомобили во сообраќајот.
Како што и претходно сме напоменале, од тоа придобивки ќе имаат сите, и тие што користат, и тие што не користат велосипед. Здравствените придобивки се бесценети, и здравјето не може да се замени за ниту една цена. Со зголемувањето на цената на горивата, се повеќе луѓе ќе се определат да го користат велосипедот и јавниот превоз за исполнување на секојдневните обврски.
Со оваа објава, најмногу би сакале да апелираме до општините и локалните власти да го предвидат зголемувањето на потребата за возење на велосипед. Во Македонија, освен во Скопје и Охрид, во другите градови речиси и да нема воопшто велосипедска патека (со исклучок на некои кои имаат патеки со должина помала од 10км.). Инвестирањето во велосипедска инфраструктура треба да подразбира изградба на нови безбедни патеки, одржување на постоечките, надополнување на бројот на паркинзи за велосипеди, изградба на пристапни рампи за поврзување на две и повеќе патеки итн.
Меѓуградскиот велосипедски сообраќај кај соседните земји е веќе познато и видено, па сметаме дека мора и кај нас да се воспостави, како на пример Гостивар – Тетово, Тетово – Скопје, Битола – Прилеп, Струга – Охрид, Кавадарци – Неготино, Штип – Кочани, и уште многу слични примери, каде теренот помеѓу градовите е пристапен и благ, за без многу напор да може да се поминат триесетина километри. Со овие патеки, ќе бидат опфатени и попатните рурални средини, со што жителите на побезбеден начин ќе стигнуваат до околните градови.
Би сакале да потенцираме, дека локалните власти не смеат да бидат изненадени доколку бројот на велосипеди по улиците се зголеми и за 10-20%, бидејќи тоа е очекувано. Во периодот кој следува, ќе објавиме неофицијална статистика на број на велосипеди во референтна точка во градот Скопје, каде споредено со 2019-та година, во 2021-ва година бележиме зголемување и до 70% за одреден период.
Доколку ситуацијата со Ковид 19 започна да ги враќа здравите и добри навики кај луѓето, зголемувањето на цените на горивата ќе продолжат со уште поголемо темпо да ги зајакнуваат. После долгото осумчасовно седење во канцеларија, од големо значење за организмот ќе биде доколку возиме велосипед барем 20 минути по правец. Велосипедот се смета како едно од најрелаксираните превозни средства за ослободување на стресот, спротивно на автомобилот, кој се смета за најголем виновник за натрупаниот стрес.
Затоа, живејте здраво, чувајте ја животната средина и користете велосипед секој ден!