Датум на објава: 29.12.2020
Дојде време да ја завршиме изминатата 2020 година, и како што е ред, да кажеме збор-два за оваа чудесна година. Оваа година не освести сите, и ни ги посочи најважните работи во животот, кои што беа заборавени од луѓето. Динамичниот живот, трката по пари и богатство не направија да го заборавиме здравјето.
За жал, сеуште актуелниот вирус, не направи да бидеме повнимателни и повеќе да се грижиме за нашето здравје. Токму од таа причина, полека но сигурно им се враќаме на старите и здрави навики.
Колку и да изгледаше годината црно, за велосипедизмот беше најбелото нешто што можеше да му се случи. Враќајќи им се на здравите навики, луѓето почнаа да го користат велосипедот во се поголем број. Голем дел од нив, за прв пат ги извадија велосипедите на своите предци, ги поправија и спремија за употреба. Фабриките и трговците се соочија со голем недостиг на велосипеди и делови за велосипеди, додека пак сервисерите ги приширија своите бизниси. Изминатава година се случи еден огромен „вело-бум“. Неописливи беа глетките по велосипедските патеки, пред се на рекреативните патеки, каде што секојдневно течеше бесконечка река од велосипедисти. Таква беше и патеката на кејот на реката Вардар во Скопје, за која слободно може да се каже дека во карантинските денови, беше претесна за да ги собере сите рекреативци.
Од друга страна пак, огромната заинтересираност за возење на велосипеди, ги поттикна грдските власти, се повеќе да инвестираат во велосипедска инфраструктура. Па така, во главниот град можеше да се забележи проширување на вело-мрежата за околу петнаесетина километри нови велосипедски патеки/ленти. Освен во Скопје, велосипедската мрежа се прошири и во Охрид, Прилеп, Гостивар итн. Исто така, оваа година, освен во Скопје, беа доделени ваучери за купување на велосипеди и во останатите градови низ Македонија. Сето тоа допринесе, уште повеќе да се зголеми свеста за користењето и придобивките од возењето на велосипедот.
Исто така, годинава за прв пат Скопје доби модерен концепт на плоштад – „Велоштад“ кој може да се искористи за паркирање на велосипеди, кабини за пресоблекување, и времено заклучување на велосипедот.
Се надеваме дека овој тренд, ќе продолжи и во следната година со уште поголеми чекори.
Да не заборавиме, годината беше посебна и за нас, тимот на Travelers Cycling. Апликацијата Травелерс Македонија, после пет години постоење, доби свој огранок, наменет за велосипедистите. Во месец јули, официјално ја пуштивме во употреба апликацијата Travelers Cycling, која има за цел да им помогне на сите велосипедисти да ја пронајдат најбрзата патека за да стигнат до својата цел, најблискиoт паркинг каде можат да го заклучат својот велосипед, да го пронајдат најблискиот јавен сервис каде можат бесплатно да си го поправат својот „миленик“, или да ја најдат најблиската воздушна пумпа.
Ние ќе продолжиме и понатаму, во наредната година очекувајте уште повеќе корисни информации и податоци, кои ќе му бидат од корист на секој велосипедист.
Тимот на Travelers Cycling