Датум на објава: 30.09.2020
Денес во организација на здружението „НаТочак“, во Скопје се одржа 85-то издание на Критична Маса. Со огромниот број на велосипедисти кои беа дел од настанот се покажа дека велосипедот е превозно средство кое бележи значителен подем особено со новонастанатата ситуација предизвикана од вирусот ковид и избегнувањето на групниот превоз за пристигнување до одредена дестинација, и дека воедно е најздравото и најеколошкото превозно средство.
Учесниците уживаа низ празните улици кои беа добро обезбедени од страна на сообраќајната полиција, и барем на кратко Скопје доби #ПросторАнтиКорона, односно коловозните ленти кои секојдневно сме навикнати да ги гледаме исполнети со премногу возила, беа наменети (отстапени) токму за велосипедистите.
Со порастот на бројот на велосипеди по улиците, се создава потреба од проширување на просторот за безбедно движење на истите. Сите велосипедисти би се чувствувале побезбедно доколку во време на зачестен велосипедски сообраќај, покрај велосипедските патеки, еден ден на улиците во Скопје видиме привремено ослободена и една коловозна лента, со што би се овозможил #ПросторАнтиКорона.
Овој проект е веќе привремено спроведен во повеќе европски градови, и секаде се покажал како успешен. Освен ослободувањето на една коловозна лента за велосипедистите, #ПросторАнтиКорона предвидува и воведување на зони со смирен сообраќај, со што брзината на движење на возилата би се намалила со цел велосипедистите и пешаците безбедно да ја користат коловозната лента.
На оваа Критична Маса #85 учество зеде здружението Еко Свест кои на учесниците им препорача „Да зборуваме за Климатските Промени“. Оваа актуелна тема е се попоуларна во последно време, бидејќи немаме резервна планета, мора да се грижиме и да ја чуваме таа што ја имаме и на која живееме. За зачувување на нашата планета влијае и превозното средство кое секојдневно го користиме. Со користењето на велосипедот како превозно средство во секојдневието, значително допринесуваме кон зачувување на животната средина. Со цел потсетување на луѓето на оваа исклучително важна тема, здружението Еко Свест на присутните им подели маички, Ѕвончиња за велосипеди и траки.
Како и на другите Критични Маси, така и на оваа, учествуваше и тимот на Travelers Cycling, кој продолжува да ги поддржува велосипедските настани и да ги мотивира граѓаните се повеќе да го користат велосипедот како превозно средство.
Се гледаме на следната Критична Маса!