Датум на објава: 22.07.2021
По неколкуте наши објави во кои информиравме и ги поздравивме проектите за изградба на нови велосипедски патеки во Скопје, и тоа дека Скопје доживува еден велосипедски „бум“ во дополнување на мрежата на велосипедски патеки, ни пристигнаа неколку реакции од жители на општината Кисела Вода во Скопје, во која истите ни укажуваат дека и тие се дел и живеат во Скопје, и дека ситуацијата кај нив е катастрофална. Истите ни тврдеа дека за да возиш велосипед низ Кисела Вода, ти треба само среќа.
Иако често возиме кон Кисела Вода и свесни сме за ситуацијата таму, сепак излеговме подетално да ги анализираме условите за возење на велосипед во овие населби.
Штом тргнавме од „тутунски“, веднаш наидовме на проблем, патеката што оди кон Кисела Вода, мисетриозно исчезнува, и одеднаш наидуваат мноштво паркирани возила на тротоарот. Како единствена опција останува да се вози по коловозот, на кој постојат еден куп паркирани автомобили кои само „кратко“ се задржуваат. Уште не стигнавме ни до „Чешма“, а ние веќе бевме изморени од заобиколување на автомобили, качување и слегување од тротоар (по кој по правило не смее да се вози).
Дури кај „Чешма“ сфативме дека можеби треба да се вози по левата страна, и дека од левата страна постои мешана велосипедска патека (патека наменета и за пешаци и за велосипеди). Оваа патека е наменета за двете насоки на движење.
Преминавме од левата страна, и очекувавме подобра инфраструктура, но сепак не ја најдовме. Она што најдовме беше, паркирани автомобили, контејнер кој зафаќа 65% од патеката, неслеани рабници, тесни премини.
Голготата заврши кај „Општина Кисела Вода“, од каде патеката продолжува да биде од мешан тип, но е доста поширока, и може да се каже дека има услови за возење. Патеката е во добра состојба се до булеварот Србија.
И ова се единствените велосипедски патеки во Кисела Вода, такви какви што се. Граѓаните секојдневно мака мачат со сите овие предизвици. Од друга страна пак, возачите се гневни на велосипедистите, бидејќи велосипедистите возат по коловозот, немајќи ја таа привилегија да возат по своја патека, дополнително возачите немаат трпение и со омраза гледаат на луѓето кои го ризикуваат дури и својот живот, за здравјето на сите граѓани. И така во круг, се создрава омраза и поделеност помеѓу населението. А главната причина за тоа се знае, незаинтересираноста на Општината да им излезе во пресрет на граѓаните.
И да не биде се така црно и негативно, тука ја имаме и рекреативната пешачко-велосипедска патека, која е со многу добра идеја, и одлично место за прошетка. Но, доколку детално ја анализираме оваа патека, истата нема никаква ознака за каква патека станува збор, па тука се јавува и дилемата и поделеноста помеѓу пешаците и велосипедистите, дали по патеката смеат да се движат велосипеди или не. Од друга страна пак, доколку смеат да се движат велосипеди (според ветувачката програма на градоначалникот кој прв пат ја изгради), патеката е претесна за големиот број на луѓе кои секојдневно се движат по неа особено во летните вечерни часови, бегајќи подалеку од главните булевари, големата бучава на автомобилите и загреаниот асфалт кој емитира топлина до касните ноќни часови.
Патеката претставуваше одлична конекција со булеварот Трета Македонска Бригада. Иако конекцијата не е целосна, граѓаните сами си создадоа дополнување и поврзување со булеварот во должина од стотина метри, и беше доста користена пред изградбата на улицата Есенинова. И да, кога сме кај Есенинова, повторно ја гледаме незаинтересираноста на Општината, односно деградирање на велосипедистите. Во доба кога Скопје го нарекуваме Вело-град, и град кој се стреми и има потенцијал да поседува развиена велосипедска инфраструктура како и големите европски метрополи, доаѓаме до ситуација да во една потполно нова проектирана улица, немаме место за велосипедистите. Есенинова беше одлична можност и прилика, голем дел од населението побрзо да стигнува до посакуваната цел, но за жал ја немаат таа среќа.
Останува само граѓаните да си го поставуваат своето неодговорено прашање, до кога ќе се соочуваат со овие проблеми. И Кисела Вода е дел од Скопје.
Автор: Travelers Cycling