Датум на објава: 03.03.2021
Возењето велосипед има големи придобивки во секојдневниот живот на човекот. Покрај тоа што е најеколошко превозно средство, возењето велосипед го подобрува физичката состојба на човекот и помага во градењето и затегнувањето на мускулите, помага при процесот на слабеење, го штити телото од кардиоваскуларни заболувања, една од поголемите придобивки е подобрување на менталното здравје и ослободување од стресот на кој сме изложени постојано. Додека возиме нашите мисли патуваат насекаде, од проблемите со кои се соочуваме, среќните мигови кои сме ги поминале, како и желбите за среќни мигови во иднина.
Како љубители на велосипедот, и големото време поминато на велосипед, често си замислуваме како нашите велосипедски патеки се без ниту една маана. Често пати се прашуваме, мораше ли оваа дупка да биде тука, зарем нема некој да ја санира истата, мораше ли овој контејнер да го постават тука, мораше ли ова возило тука да се паркира и ред слични прашања кои еднострано ги поставуваме, без да добиеме одговор. Одговорот сами си го бараме, и барем во мислите си создаваме една велосипедска мрежа која е идеална за нас. На тоа размислување, секогаш следи и споредбата со европските градови и замислата како возиме во тие градови, градовите во Холандија, Данска, Шпанија, Германија, кои имаат доста поразвиена велосипедска инфраструктура од нас. Нашите споредби и лични мислења често ги споделуваме и со останатите читатели на блогот на Travelers Cycling, и не ретко доаѓаме до осудувања и коментари од типот „Што мислите, ова не е ниту Германија, ниту Холандија“. Точно, ова не е ниту Германија, ниту Шпанија, туку Македонија. Но тоа не треба да ни биде утеха и не треба да не обесхрабрува фактот, и да не се стремиме да изградиме совршена велосипедска инфраструктура.
Како и да е, во овој текст, нема да се споредуваме ниту со Холандија, ниту со Германија. Ќе пробаме да се споредиме со соседна Албанија, земја која има сличен стандард и буџет како нашиот. Претходната година, имавме прилика со велосипед да извозиме круг околу Охридското Езеро, а вистинското уживање и опуштање, без грижи и внимавање на возила, рабници, крстосници и слично, започнува токму од градот Поградец. Градот се наоѓа во источниот дел од Албанија, сместен е на брегот на Охридското Езеро и претставува град со околу 20.000 жители. Тој е седиште на истоимената општина која брои околу 61.500 жители. Она што е главно и најважно за градот, е тоа што градот е во интензивен подем, и при градењето на нови и реконструирањето на старите улици, се градат и велосипедски патеки. Патеките се обележани со црвена боја, додека пак комбинирањето на велосипедска патека / коловоз е изведено воглавно со вдлабнување на патеката, без да доведе до некаква неудобност при возењето на велосипед. Колку за споредба, патека со ваква изведба, до сега не е видена во Македонија.
Другиот и многу поважен факт, е тоа што градот Поградец има велосипедско поврзување долж Охридското Езеро до селото Лин (кое се наоѓа пред граничниот премин Ќафасан). Со ова поврзување, градот е поврзан со неколкуте попатни села, и од Лин до Поградец со велосипед може да се стигне за околу 60-90 минути. Такви велосипедски патеки и недостасуваат на Македонија. Во тој поглед сметаме дека би се постигнале значајни придобивки и олеснувања на превозот доколку во идинина бидеме сведоци на велосипедско поврзување помеѓу градовите и селата а како пример би ги навеле: од Скопје до Катланово, Од Тетово до Гостивар, од Битола до Прилеп, од Штип до Кочани, од Охрид до Свети Наум, од Охрид до Струга, од Струмица до Радовиш, од Кичево до М.Брод, од Берово до Пехчево итн. Има безброј вакви предлог патеки кои би можеле да се изведат тука, а со цел да се овозможи полесен пристап и подобро поврзување помеѓу градовите и селата помеѓу нив.
Тие патеки би ги поттикнале и жителите на приградските и руралните средини, да го користат велосипедот како превозно средство за своите патувања. Јавниот превоз до помалите средини речиси и да го нема, а онаму каде што го има, тој е премногу редок. Со тоа жителите се обврзани да чекаат со часови за да пристигне следниот автобус / комбе. Доколку постои велосипедско поврзување, ова нема да биде проблем.
Горенаведените примери, се само еден дел од пределите каде што постои миграција село-град / град-град, а притоа теренот да е погоден за велосипедизам. Време е и во Македонија да се развие меѓуградскиот велосипедски сообраќај. Има услови за тоа, и треба да почнеме се повеќе да се споредуваме со идеалните решенија, и за краток рок ќе ги спознаеме бенефитите од истите.
Текст: Travelers Cycling
Градот Поградец