Датум на објава: 29.03.2021
Денес, пристигна известување од Град Скопје, во кое стои дека се започнува со асфалтирање на новата улица Есенинова во Кисела Вода. Според планот, улицата ќе содржи две коловозни ленти, и два тротоари. Сето тоа е супер и го поздравуваме тој проект, но каде е местото на велосипедистите? Населбата Кисела Вода има најмало велосипедско поврзување со центарот на градот Скопје, како и со останатите населби. Тесното грло кај „Чешма“, за велосипедистите претставува пекол, и мотив само за да го остават велосипедот дома, и да патуваат со автомобил. Ова е спротивно на сите заложби за зачувување на животната средина, како и за намалување на загадувањето во градот. Важноста на улицата „Есенинова“ треба да биде подеднаква како за автомобилите, така и за велосипедите.
Со немањето на велосипедска патека на овој потег, само се загрозува безбедноста на велосипедистите, кои се осудени да возат по коловозната лента. Како единствена опција на жителите од овој дел од градот, да стигнат до населбата Аеродром, е да кружат од булеварот Кочо Рацин, до Веро Џамбо, па да продолжат кон Аеродром. Со тоа, кружната патека им додава дополнителни 1000 метри.
Да не заборавиме, дека Транспортниот Центар треба да биде велосипедски поврзан со сите страни на градот, вклучувајќи ја и населбата Кисела Вода. Проектот „Велоштад“ овозможува времено заклучување на велосипедите за подолги патувања, како и простор за пресоблекување. Доколку се изградеше велосипедска патека по улицата Есенинова, овој проект ќе станеше уште покорисен.
Од друга страна пак, пред неколку дена пишувавме за пример во Хрватска, каде покрај железничките пруги се градат велосипедски патеки. Токму овој потег од булевар Србија до улица Никола Карев беше идеален за почеток на ваков вид на проект и во Македонија. Со можната имплементација на тој проект, велосипедистите од Кисела Вода, Расадник, 11-ти Октомври, би им се овозможил полесен пристап до рекреативната велосипедска патека по кејот на реката Вардар (кај железничкиот мост). Но, со изградбата на новата улица „Есенинова“, тоа станува невозможно.