Датум на објава: 07.10.2020
Од Железници – Транспорт велат дека се запознаени со директивите од ЕУ околу превозот на велосипеди со воз, но потенцираат дека во сегашниот возен парк не се предвидени места за превоз на велосипеди, но сепак додаваат дека се посветени на надминување на проблемите поради кои во моментов не се превезуваат велосипеди, а кои се од техничка, информатичка и сопственичка природа
Велосипедистите и патниците во земјите на Европската Унија кои користат железница добија поголеми права. Европската велосипедска федерација успеа да издејствува минимум четири задолжителни места за велосипеди во секој воз, а секоја земја во сопствената регулатива тој број може да го зголемува.
Како што информираат од неформалната група скопски велосипедисти ентузијасти „На точак“ досега на 53 отсто од линиите со воз низ ЕУ не било предвидено место за велосипед во воз. Но, отсега ќе биде.
-Пролетоска ја поддржавме кампањата на Европската велосипедска федерација за задолжителни места за велосипеди во сите возови во ЕУ и истото го побаравме од нашите државни власти. По тригодишното лобирање им успеа! Преговорите се завршени – велат од „На точак“.
Тие додаваат дека иако не е со очекуваниот број (минимум 8 места за велосипеди по воз, по примерот на новите возови во Германија), поради ветото од некои ЕУ членки, сепак им успеа да издејствуваат минимум 4 задолжителни места за велосипед во воз.
Притоа, железничките компании имаат рок од четири години да ги реновираат возовите и да ги прилагодат на ова правило, а новите набавки треба да ги прават со такви услови.
-Комбинацијата велосипед и јавен превоз е клучна за реобликување на транспортот ако сакаме зелена иднина. Ова е чекор напред кон унапредување на рекреативниот велосипедизам, велосипедскиот туризам и е директна климатска акција. Се надеваме зелената партија кај нас ДОМ, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Македонски железници-Транспорт се во тек со овие новини – истакнаа од „На точак“.
Од Македонски железници-Транспорт велат дека се запознаени со директивите од ЕУ околу превозот на велосипеди со воз, но потенцираат дека во сегашниот возен парк не се предвидени места за превоз на велосипеди.
-Но, Железници – Транспорт е посветен на надминување на проблемите поради кои во моментов не се превезуваат велосипеди, а кои се од техничка, информатичка и сопственичка природа. Ќе работиме на надминување на проблемот кој би се создал кога ќе се појават повеќе патници од определениот број, внатре во возот кои ќе сакаат своите велосипеди да ги качат на воз, а се качуваат на различни попатни станици – објаснуваат од Железници – Транспорт и додаваат како пример дека ако има патници со велосипед качени во Велес, а во Зелениково чекаат патници чиј број ќе го надмине дозволеното, нема да бидат во можност да одредат кој има предност за качување.
Извор: Вечер