Датум на објава: 14.01.2021
Со Бојана и Александар може бесконечно да се разговара кога темата за тоа се авантурите кои ги доживеале додека возеле велосипеди. Токму една од тие авантури ви ја претставуваме во продолжение.
Имавме одприлика 80 километри до Солун, поради тоа утрото станавме порано за да може да стигнеме таму пред да биде премногу жешко. Плус имавме и мотивација за побрзо стигнување поради тоа што знавме дека не чека топол туш и мек кревет. Патот за назад веќе ни беше познат, со само една разлика од тоа што ни дуваше ужасен директен ветер кој не тераше да вртиме по удолниците. Веќе почнувавме да ги губиме и нервите, бидејќи скоро цел пат дуваше и мотивацијата за возење ни падна премногу, плус и не понесовме вода доволно а сонцето стануваше се појако.
Сепак полека но сигурно стигнавме до Солун, пред градот нормално огромна гужва од моторни возила па мораш да бидеш екстра внимателен, плус и Солунските возачи не почитуваат премногу правила за безбедно возење. Во градот се сместивме кај белата кула, му пишавме порака на човекот што требаше да не смести да дојде и да не земе и одмаравме под сенка.
Веќе поминаа два часа откако му пишавме но од него не добивме никаква повратна порака. Најдовме интернет кафе и од таму пишавме и на уште еден велосипедист но и од него не добивме повратен одговор иако пред тоа имавме контактирано со едниот од нив и веќе бевме договорени. Се решивме да се прошетаме низ градот и да размислиме што ќе правиме бидејќи се соочивме со реалноста дека вечерта нема да осетиме топол туш и мек кревет после долго време.
Добивме идеа дека можеме да одиме со воз до Воден или пак подалеку односно поблиску до македонската граница а вечерта да ја преспиеме во воз или да ја поминеме на железничката станица. Претходно се сретнавме со велосипедист од Турција кој ни посочи дека претходната вечер тој спиел на само 3 километри од Солун каде што имало фестивал и немало проблем за поставување на шатор, па го имавме тоа место како резервна опција. Вечерта сретнавме уште тројца други велосипедисти од Франција кои ни кажа дека биле сместени кај еден од луѓето што го контактиравме односно го имавме за резерва и дека тој веќе нема место за сместување. Направивме разговор со нив, ни раскажаа неколку приказни од нивната авантура и се разделивме секој по својот пат.
На железничка не информираа дека имаме воз во 7 часот наутро до Лерин што ни одговараше премногу и дека само со тој воз можело да се качи со велосипед. Бевме решени ноќта да ја поминеме на железничката и сабајлето да се качиме на возот. Околу 1 часот по полноќ после кратка прошетка низ Солун дојдовме во железничката, тргнавме да купиме карти но луѓето што беа тами ни кажаа дека нема воз што оди до Воден или пак Лерин да може да се качи велосипед на него и дека нема никаква шанси да се изведе тоа. Тоа не разочара потполно, па покрај тоа што не откачи човекот каде што требаше да спиеме, сега ни се случи и ова а и згора на се околу 3 часот не избркаа од станицата бидејќи ја затвараа па се најдовме на улица без место за спиење. На наша среќа после кратко лутање по солунските улици најдовме црква со дворче па легнавме таму да одмориме додека не се раздени па да тргнеме да возиме за Македонија. Веднаш штом имаше малку светлина тргнавме, извозевме 30 километри па најдовме убаво место каде што го поставивме шаторот и направивме пауза да одмориме малку. Околу 9 часот се разбудивме и веќе веднаш се гледаше разлика во нас, бевме свежи и мотивирани за возење. Патот до Воден ни беше одличен, возевме по пат кој што беше одма до главниот и беше со одличен асфалт и скоро потполно празен.
Конечно почнавме да гледаме природа и разнолик предел па ззапочнавме да уживаме во возењето и да се радуваме поради тоа што не отидовме со воз. Пред Воден сфативме дека градот е на висок рид и дека ќе се помачиме да стигнеме до него. Угорницата не истошти, според нас тоа беше едно од пострмните места кое што сме го возеле. Откако стигнавме во градот испазаривме убаво, седнавме под стреа во локалниот парк, наполнивме стомаците и одморивме за престојниот пат. Место не не држеше подолго време па решивме да излеземе од градот и да стигнеме до езерата каде што и ќе поставиме шатор. Патот беше супер за возење убава природа, не премногу сообраќај и убав асфалт. Кога пристигнавме кај езерата веќе почнуваше да се стемнува, се спуштивме до селото и после поблиску до едно од езерото каде што поставивме шатор во една нива со цреши. Се нагостивме убаво со прекрасни и огромни цреши и легнавме да спиеме бидејќи бевме премногу изморени и многу малку спиени.
Утредента станавме рано, со цел да стигнеме до Битола тој ден па можеби и до Преспа. Откако го поминавме и второто езеро и неколку угорници имавме одличен прав и со блага надолнина пат до самата граница. На граница поминавме без проблеми, застанавме да се освежиме во WC и да наполниме батериите бидејќи се ни беше празно неколку дена. До Битола стигнавме прилично брзо, таму се најадовме и седнавме под сенка да одмориме бидејќи дента беше премногу жешко и не сакавме да возиме, посебно не поради тоа што требаше да искачуваме угорници.
До Ресен односно до Наколец патот ни беше познат бидејќи минатата година го возевме.
Иако тргнавме покасно сепак сонцето не изморуваше па правевме почесто паузи додека ја искачивме угорницата. По пат се сретнавме и со едно чиче од Охрид кој победил на натпревар за олдтајмери во Битола.
За тој ден имавме договорено да преспиеме во Наколец, селце покрај Преспанското езеро веднаш пред Долно Дупени.
Извор: Макадам