Датум на објава: 02.03.2026
Општина Илинден ја објави можноста за добивање еднократна парична помош за набавка на велосипед во 2026 година. Оваа иницијатива е дел од Програмата за финансиска поддршка на жителите и има за цел да ги поттикне граѓаните да користат екологски чист превоз и да се движат поактивно.
Право на учество има секој граѓанин со постојано живеалиште на територијата на Општина Илинден кој ќе купи нов велосипед во периодот од 2 март 2026 година до 30 април 2026 година, или до исцрпување на средствата. Апликантите кои веќе користеле субвенција за набавка на велосипед од претходен повик, не можат да учествуваат повторно.
Општина Илинден обезбедува финансиска помош од 50% од вредноста на велосипедот, до максимум 4.000 денари по велосипед.
За да учествувате, потребно е да поднесете документација преку архивата на Општина Илинден:
Пополнето барање за финансиска поддршка (може да се симне од веб-страницата на Општина Илинден или да се подигне на лице место).
Копија од важечка лична карта.
Копија од трансакциска сметка.
Фискална сметка како доказ за купување на нов велосипед во периодот од 2 март до 30 април 2026 година (само целосно платени велосипеди, плаќање на рати не се признава).
Важно е да се напомене дека секое лице може да аплицира само еднаш за субвенцијата.
Барањата ќе се разгледуваат по редослед на пристигнување. Општина Илинден ќе ја информира јавноста за преостанатите средства додека не се исцрпат. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, во согласност со предвидениот буџет.
За повеќе информации, можете да ја посетите веб-страницата на Општина Илинден или да се обратите директно во архивата на општината.
|