Датум на објава: 20.07.2021
Планот “спроти Холидеј Ин” мора да се стопира и да се преработи.
Во спротивно ќе се поткопаат декларативните заложби за „зелен град”, „велосипедски град”, „град за луѓе”, „отпорно Скопје”, „Скопје со квалитетен јавен простор” баш на најцентралната и најрепрезентативна локација каде можеше навистина да добијат свој идеален приказ тие заложби.
Таа локација најмногу од сите, е/ќе биде печатот на ова време.
Дискусиите во јавноста за оваа локација (легитимно) најчесто се однесуваа на правните аспекти, на планираните содржини или на катноста на објектите.
НаТочак реагира за аспектот за кој се најповикани, а тоа е пешачкото, велосипедското и севкупното движење.
Во нивната анализа елаборираат дека има голем проблем во самиот концепт на планот, односно поставувањето на регулационите линии кои го разграничуваат јавниот од приватниот простор.
Додека во моментов во Новo Маало (колоквијално познато како „маалото и паркингот спроти Холидеј Ин”) има многу јавни улици кои попречно ја сечат оваа четврт, во планот (и во реалноста во иднина, доколку планот не се стопира) ќе има само една јавна слепа улица како крак од ул. Мирче Ацев, што е погрешно од многу аспекти. Нема ниту пешачки јавни патеки низ целиот комплекс. Ќе се добие непробивна, приватна и небезбедна зона во самото срце на Скопје.
Иако со ДУП-от е создаден голем плоштад со површина од околу 8000 м2, (или со големина колку 2/3 од големината на плоштад Македонија) и тоа делумно врз приватни парцели, тој не е воопшто поврзан со околината.
Додека плоштад Македонија има 10 активни ЈАВНИ ПЕШАЧКИ ПРИСТАПИ и 1 блокиран (кај споменикот Мајка Тереза на Орце Николов), овој нов плоштад е испланиран само со 1 јавен пристап, кој е истовремено и за пешаци (со тесни тротоари) и за автомобили кои се доведуваат околу самиот плоштад. Зошто се пропушта шансата кога веќе се планира голем плоштад, да се добие нов белег на Скопје со добро урбанистичко решение?
Туку се форсира едно целосно небезбедно, недемократско и автоцентрично решение.
Градоначалниците на Центар, Саша Богдановиќ и на Град Скопје, Петре Шилегов неретко реагираат за блокирањето на 1 од 11 пристапи кон Плоштад Македонија и се залагаат споменикот на Мајка Тереза да се тргне, во што НаТочак целосно ги поддржува.
НаТочак потенцираат дека градоначалниците би било логично да се заложат за повеќе јавни пристапи и кон овој плоштад доколку навистина се грижат за движењето, безбедноста, одржливоста, евакуацијата (можноста за заштита и спасување), со други зборови: ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС и да го стопираат овој план.
За таа цел НаТочак им испрати допис пред 11 дена (и на градоначалниците и на министерот Благој Бочварски) на кој се уште очекуваат одговор.
Целиот допис е достапен на линкот: https://natochak.blogspot.com/2021/07/blog-post_19.html
Неколку извлечени поенти од дописот:
Постоечкото решение од ДУП-от прави слободното, граѓанско, неконтролирано, некомерцијално пешачко движење (24/7) во јавен простор да се остварува дури на 350 метри растојание, практично пешаците се водат по патеки околу блокот, не низ блокот што е недозволиво за центар на град. Стручните препораки за пешачки движења (walkability) велат дека препорачано растојание за пешачка мрежа е максимум 120 метри, со стремење кон 60 метри и помалку. Во спротивно, се демотивира пешачењето и се поттикнува поголемо користење автомобил.
Поради тоа, НаТочак предлага воведување на барем уште 6 јавни пешачко-велосипедски врски кон плоштадот на логични позиции кои ќе бидат од бенефит за пешачките движења низ локацијата, кон ГТЦ, кон новата станица за БРТ системот и кон кејот.
Според принципите Град за луѓе, на кои Град Скопје е потписник, не би смеело да се појави масивен објект баш на клучната позиција меѓу кејот на Вардар и овој нов плоштад. Тоа е исто како на Плоштад Македонија пред Камени мост на местото на коњаниците да се изгради објект.
Според заложбите за “вело-Скопје”, би морале да се преиспитаат и решенијата (регулациите) на околните улици околу блокот. Имено, тој во моменталниот план има услови за велосипедска патека единствено на бул.Кочо Рацин, а останатите 3 улици се планирани само за автомобили и со тесни тротоари за пешаци. За споредба, Општина Центар во моментов ја изведува велосипедската патека на Орце Николов која е на 90-190 метри оддалеченост од велосипедската патека на бул. Илинден, а Град Скопје се пофали со обиколувањето на блокот кај Соборен Храм (кој има димензии 200 x 250) со велосипедски патеки од сите 4 страни, што е одлично, но истиот принцип треба да се применува насекаде.
Со оглед на големината на блокот спроти Холидеј Ин (300 x 365 метри) и препораките од ЕУ (за велосипедска мрежа на 100-150 метри или максимум 250 метри), не само што треба да се појават велосипедски патеки по сите околни улици, туку треба да се појават и 2-3 попречни велосипедски патеки низ четвртта. За ова да биде возможно, планот мора да се преработи и во новиот план да се тестираат различни решенија. Низ оформени градежни парцели со изградени приватни објекти тоа нема да биде возможно во иднина.
Со развојот на автобускиот превоз се очекува уште поголем број патници да „навалат” од станиците на Кочо Рацин меѓу кои и најискористената станица во градот зашто тука ќе се сечат двете БРТ линии. Со оглед дека и при моменталниот развој на јавниот превоз тротоарите не задоволуваат и ствараат конфликт меѓу патници, пешаци, велосипеди, Градот мора за стратешкиот транспортен проект да сработи и стратешки урбанистички планови, со пошироки тротоари, облагородени со дрвореди и со јавни пешачки продори низ четвртта кои ќе ги дисперзираат пешаците. Доколку остане да се спроведува овој план, Градот ќе ја изгуби шансата за интегрирано планирање и поголем успех на јавниот превоз.
Оваа четврт е испланирана целосно по автоцентрични и недемократски принципи, спротивни на принципите „градови за луѓе”. Планерот воопшто не водел сметка за пешачките и велосипедските движења, го направил блокот со приватен карактер и погоден за обиколка со автомобили, а за влез само на потрошувачи, не и на слободни граѓани. Исто така ја пропуштил можноста да го поврзе јавниот простор со реката и мостот.
Дополнително, во урбанистичкиот план (од 2012) не се вградени обврските за задолжителен велосипедски паркинг од Законот за урбанистичко планирање од 2020-та и во најстрог центар на град ќе добиеме уште илјадници автомобили и жители во елитни објекти, а велосипеди паркирани по влезовите и балконите, наместо во соодветно испланиран простор.
НаТочак базирано на искуствата од многу градови, смета дека живеењето и работењето во најстрог центар на град треба повеќе да се ослонува на движење со јавен превоз, пешачење и користење велосипеди, а автомобилите да се сведат на минимум.
Во согласност со меморандумот за соработка потпишан со градоначалникот Петре Шилегов, на Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај донесен од Советот на Град Скопје во 2019, врз основа на потребата од мерки за одржлива мобилност пропишана со Законот за урбанистичко планирање, како и на националните заложби за намалување на емисиите на стакленички гасови за 51% до 2030-та година, во Скопје, а особено во најстрогиот центар, НаТочак се залага за урбанистичко планирање на поинакви принципи.
Оваа четврт е испланирана како да е трговски центар или индустриска зона на периферија на град, а не во срцето на Скопје. Тука не е применет интегрален пристап во планирањето на сообраќајот и урбанизмот, ниту пак уважување на научните факти за обезбедување одржлив развој. Ова се согледува и без воопшто да се дискутира за висината на објектите, туку за самите регулациони линии “повлечени” во планот. Дури и да се објектите високи неколку ката, повторно би важеле истите забелешки дека урбанистичкиот концепт е многу лош и недозволив за центар на Град и за 21-ви век во ек на климатска криза. Со овој план нарушени се буквално сите индикатори од 11-тата цел од 17-те цели за Одржлив развој на Обединетите нации: инклузивноста, безбедноста, отпорноста и одржливоста на градовите.
НаТочак се надева дека разумот и јавниот интерес ќе преовладаат.
Извор: Локално