Датум на објава: 12.03.2021
Кирил Марковски е новиот шампион во циклокрос, мешавина од две дисциплини во велосипедизмот, односно планински и друмски или асфалтен велосипедизам. Тоа е кружна трка, која во просек трае од 40 до 60 минути, во зависност од должината на кругот. Државното првенство во Македонија во циклокрос се одржа во Велес. Марковски вели дека најсилна страна му де издржливоста и експлозивноста, кои се дел од причините што го носат на тронот.
– Конкуренцијата беше присутна како никогаш досега, а сметам дека и доста подготвена. На стартот имаше 17 велосипедисти што целеа кон титулата да бидат државни шампиони. А мојата предност сметам дека е комбинација на неколку фактори: голем дел од искуството што го имам стекнато преку планински велосипедизам, многуте часови поминати на две тркала, а со тоа, нормално, и физичката подготвеност, компоненти што ми помогнаа да направам голема разлика од конкурентите – вели Кирил.
Кирил рекреативно се занимава со планински велосипедизам од 2015 година. Како член на клубот ЕБТС станува државен првак на 18 години (јуниори во MTB) и е шесто место на Балканското првенство. Од 2017 година почнува да вози и по асфалт и друмски велосипедизам, кој го мотивира да извози многу трки и да си постави силни предизвици.
– За да се биде државен првак, потребна е силна волја за победа и успех. Иако сме воспитувани во духот на максимата „не е важно да се победи, важно е да се учествува“, мојот дух секогаш е насочен кон победа. Макотрпните тренинзи и предизвици се единствената енергија и водилка и тек на мојот велосипедски живот – вели тој.
Најголем предизвик му се натпреварите каде што целта е на врвот, односно патеки богати со ридови и голем број угорници што треба да се совладаат во еден здив.
– Таквите услови ми одговараат на конституцијата на телото, па, според тоа, и наменските тренинзите се така приспособени – истакна Марковски.
Тој си направи и свој личен предизвик – да извози 600 километри за 24 часа, кој успеа да го реализира. Предизвик за кој тврди дека психичката подготвеност и одлучност е побитна од физичката.
– Тоа беше најтоплиот ден во годината за сите нас, а особено за мене, затоа што го поминав целиот ден на сонце, па и денес имам траги по телото. Тој ден нема никогаш да го заборавам. Ми се јавуваа роднини и пријатели за да го откажам предизвикот за мое добро. Но не ги послушав, веќе си имав поставено цел и едноставно таквата мисла и истрајност ме водеа докрај. Покрај другите, Горан Кузмановски е човекот што ми даваше мотивација и поддршка, кој, се сеќавам, во најкритичните моменти ми се јавуваше и постојано ми повторуваше: Вози! Во секој случај, необично и несекојдневно искуство и, да бидам искрен, повторно би го повторил предизвикот – раскажува Кирил.
Еднакво ужива кога вози и на планина и по асфалт.
– На планина уживам на офроуд-спустовите и во сето она што ни го нуди природата, додека во друмскиот се опуштам на долги релации, кои траат со часови. Имам повеќе омилени трки, меѓу кои државното МТВ-првенство во 2016-та, Балканското првенство исто така во 2016-та, „Шапка фест“, „Тур оф Албанија“, голем број трки организирани од „Прв до врв“, меѓутоа посебно би ја издвоил последнава – Државното првенство во циклокрос – ни сподели Марковски.
Омилена траса за возење му е Скопје – Берово, поради убавите пејзажи и тешките ридови за искачување, но и други слични траси од истокот на Македонија.
– Следен предизвик ми е нешто слично на она од 600 километри. Веројатно траса со интернационален карактер, придружено со неколку гран-фонда годинава. А еден посериозен предизвик е познатиот „Еверестинг“ со велосипед. Можеби токму некој од овие предизвици ќе биде само дел од некое следно врвно достигнување – додава Марковски.
Извор: Нова Македонија