Датум на објава: 19.07.2021
Берово и Малешевските планини викендов беа главна мета на авантуристичките случувања во Македонија каде во близина на Беровското Езеро, се одржа првото издание на outdoor фестивалот „Повикот на Малешевијата“. Организатор на фестивалот беше здружението за млади, спорт и рекреација ПАТФАЈНДЕРС од Берово а истиот беше поддржан од Општина Берово и голем број на спонозори. На фестивалот учестуваа над 300 учесници од земјава и од странство кои кампуваа, дишеа чист планински воздух и се восхитуваа на убавините на Малешевските планини преку планинарење, мтб велосипедизам и off-road авантури со теренски возила.
Во текот на трите фестивалски денови беа организирани неколку едукативни работилници од страна на Природна Перспектива и волонтерите од Европскиот солидарен корпус каде беа претставени програмите на Еразмус+ и Европскиот солидарен корпус, се дискутираше на темата Реупотреби, Редуцирај и Рециклирај и преку практични примери беше согледана потребата за неговото пракиткување во секојдневието за зачувување на животната средина, а исто така имаше и отворен пазар за размена на предмети, книги и облека.
Професионалните инструктори Гоце и Софи одржаа неколку фит-кампови со различни аеробик и кросфит вежби, кои на велосипедистите и планинарите им беа од мошне голема важност за поуспешно совладување на патеките а исто така беа споделени и многу совети за здрава исхрана.
За продолжување со прекрасната атмосфера во текот на целиот ден и одлична забава за гостите во вечерните часови, беа одговорни неколку познати диџеи и рок бенд. Временските прилики и чистиот планински воздух, добрата организација на настанот, расположената публика ветуваа прекрасна забава па така присутните гости можеа да уживаат во фестивалот до доцна во ноќта, додека најхрабрите авантуристи беа спремни да се разбудат во раните утрински часови, за да го проследат изгревањето на сонцето, како и да уживаат во дишењето на свежиот утрински воздух. Едноставно, ниту еден миг на овој фестивал, не смееше да биде пропуштен.
Фестивалот започна во петокот со пристигнувањето на учесниците и поставувањето на шаторите. Потоа следуваа работилница и фит-камп, а денот беше заокружен со прекрасната забава за која беа одговорни Dj Doomloaf кој за загреа атмосферата, и извонредните DJ Дидо и DJ Сене кои заедно со Ем Си Драш ја запалија сцената и ги разиграа тотално сите посетители со одличните звуци на хаус и техно музиката.
Официјалното отварање на фестивалот беше во саботата каде по краткиот поздравен говор на градоначалникот на општина Берово и вежбите за загревање со Гоце и Софи беше означен почетокот на МТБ – велосипедските и планинарските тури. Учесниците, секој според своите претходни подготовки, можеа да изберат кратка или долга велосипедска или планинарска патека, а секоја од нив поминуваше низ најживописните предели на Малешевските планини исполнети со густа букова, борова и дабова шума, ендемични видови и карактеристични старовековни дрвја. Крајот на денот после работилниците и фит кампот, продолжи со прекрасната забава до добро познатиот бенд Hot Line и DJ Gina040 која беше вистинско изненадување за присутните и ги забавуваше до доцните вечерни часови.
Неделата како последен ден од тридневното уживање во чистиот планински воздух и насладувањето на природните убавини што ги нуди овој крај, беше резервиран за адреналинските тури со теренски возила низ калливи предели каде авантуристите ја тестираа моќта на своето возило по Off-road патеките низ Малешевијата. По работилниците следуваше групен ручек каде учесниците го вкусија традиционалниот беровски грав а фестивалот беше затворен со настапот на Културно Уметничкото Друштво од Берово и звуците на познатите Уска - Кан.
Се надеваме дека овој фестивал ќе прерасне во традиција, и дека во следните години ПАТФАЈНДЕРС ќе ни приредуваат уште многу вакви авантуристички уживања во Малешевијата, кои учесниците ќе ги памтат и раскажуваат уште догло време.
Автор: Travelers Македонија