Датум на објава: 04.02.2021
Поради големиот интерес што жителите на Велес го пројавија изминатата година, за субвенционирање на сончеви термални колектори, инвертори и велосипеди, општината и годинава од буџетот ќе субвенционира мерки за енергетска ефикасност и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, во вкупен износ од еден милин денари, кои ќе треба да ги распореди на една од наредните седници на Советот.
Градоначалникот Аце Коцевски информира дека ќе му предложи на Советот на некоја од наредните седници овие средства да се распределат во некој сразмерен сооднос, или подеднакво, 500 илјади денари за субвенционирање на физички лица, за купување на велосипед и 500 илјади денари за купување на сончеви термални колектори.
– Велешани покажуваат голема еколошка свест со тоа што лани на јавните повици за субвенционирање на купен сончев термален колектор и за купен велосипед се пријавија голем број на заинтересирани граѓанки и граѓани. А ние како Општина сме на добар пат во стратешките определби за развој на Велес како град со чиста животна средина и со одржлива урбана мобилност, појасни Коцевски.
Инаку, минатата година на јавниот повик за субвенционирање на велосипеди аплицирале 174 граѓани. Општина Велес субвенционирала 167 граѓани и тоа 50% од вредноста на велосипедот, и им исплатила по 3 илјади денари.
На јавниот повик за субвенционирање на сончеви термални колектори, барање поднеле 64 граѓани, а на 49 граѓани Општина Велес им исплати по 15 илјади денари.
Субвенции за инвертори, лани добиле 26 граѓани на Велес, а барање поднеле четириесетина граѓани. За Јавните повици за субвенционирање на мерките за енергетска ефикасност, Општината ќе информира на својата веб страна.
Извор: Слободен Печат