Датум на објава: 08.04.2021
Субвенции за граѓаните до 3.000 денари за набавка на велосипед и до 7.000 денари за набавка на електричен тротинет годинава ќе дава Град Скопје. Ова произлегува од одлуките за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети и за купување велосипеди во 2021 година кои се изгласани од Советот на Град Скопје на денешна седница.
За субвенционирање на велосипеди се обезбедени 8,5 милиони денари, односно, 137.000 евра, а за тротинети 1,5 милиони денари или 24.000 евра.
Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет по лице се утврдува во износ од 30 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Доделувањето на поединечната субвенција се врши врз основа на доказ дека е извршено купување на електричен тротинет од РСМ, и тоа со оригинал фискална сметка издадена во наша земја, со датум од 1 јануари 2021 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за доделување на поединечна субвенција на граѓаните на подрачјето на Градот Скопје за купување електрични тротинети, при што задолжително е тротинетот да е целосно отплатен. Плаќањето на рати не се прифаќа.
Максималниот износ за поединечна субвенција за купување велосипед по лице се утврдува во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Доделувањето на поединечната субвенција се врши врз основа на доказ дека е извршено купување на нов велосипед од наша земја, и тоа со оригинал фискална сметка издадена во земјава, со датум од 1 јануари 2021 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за доделување на поединечна субвенција на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди, при што задолжително е велосипедот да е целосно отплатен. Плаќањето на рати не се прифаќа.
Извор: Скопско Ехо