Датум на објава: 03.10.2020
Сите љубители на планинскиот велосипедизам, рекреативци и спортисти од денеска ќе можат да уживаат во новата нагорна пионерска велосипедска патека на планината Водно во Скопје, која е дел од проектот „Велосипедски парк Водно“.
Новата планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до 3 метри) и со вкупна должина од 3.422 м. и се протега од полициската станица до Средно Водно. За да се зголеми безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно е одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари.
Официјалното отварање на патеката беше денеска 03.10.2020 од 12ч од паркингот на Средно Водно, а претходно над 300 велосипедисти учестуваа во Вело Водно – велосипедски натпревар во организација на Прв до Врв. За да се избегне масовен старт, согласно анти-ковид мерките, стартувањето на учесниците беше на секои 20 секунди, сите учесници се придржуваа на мерките и постојано одржуваа растојание. На најбрзите 3 учесници во машка и женска конкуренција им беа доделени награди, а на сите учесници им беше доделен подарок – бандана.
Во машка конкуренција најбрз беше Кирил Марковски, кој за само 13 минути и 21 секунда успеа да ја помине целата патека. Втор беше Благоја Петровски, кој заостана 31 секунда зад првопласираниот Кирил, додека пак третото место го завзеде Игор Трпковски.
Во женска конкуренција, најбрза беше Ана Атанасова, која патеката ја помина за 18 минути и 27 секунди, втора беше Лидија Савеска, додека пак третото место и припадна на Елена Кочова.
Travelers Cycling беше дел и од овој настан, и на следниот линк може да погледнете фотографии од истиот: Галерија.