Датум на објава: 31.05.2022
Последниот мајски викенд се одржа фестивалот „Азот 2022 – мтб предизвик“ кој собра 230 рекративци меѓу кои имаше велосипедисти, планинари и љубители на природата.
Настанот беше во организација на велосипедското здружение „Велес Бајкинг“, со поддршка на Општина Чашка, а воедно беше добра можност за презентација на македонскиот спортски бренд „Реморкер“.
Ова беше осмо издание на големиот спортски настан во природа, при што централно место на случувањата беше во с. Богомила. Првиот ден беше предвиден за рекреативна велосипедска тура до манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“ во близина на с. Согле, додека вториот ден имаше две велосипедски трки и една планинарска тура.
Првата велосипедска трка беше на 44,1 километар (+1.780) и втората на 34,1 километар (+1.011), при што двете поминуваа низ областа Азот, односно од с. Богомила преку с. Црешнево, с. Капиново, с. Нежилово, с. Папрадиште и планинарскиот дом Чеплес.
Планинарската тура беше во должина од 14,2 километри во подножјето на Јакупица. Учесниците можеа да уживаат во прекрасните природни пејсажи долж течението на реката Бабуна, со поглед кон врвот Солунска глава (2.451 мнв), неколку водопади и убави шумски патеки.
Овој фестивал е еден од најпосетените и како таков е најголемиот туристички промотор на регионот.
Неповолните временски услови делумно го нарушија предвидениот тек на настаните поради кои беше откажана вечерната забава, но организаторите сепак се потрудија со заеднички ручек и лотарија да ги дополнат убавите впечатоци на сите учесници.
Извор: Дерби