Датум на објава: 18.03.2021
Поврзување на Преспанскиот регион од македонска, албанска и грчка страна со велосипедски патеки околу Преспанското Езеро било тема на разговор меѓу градоначалниците на општините Ресен и Пустец, Живко Гошаревски и Пали Колефски.
На средбата во Ресен, како што информира Гошаревски, по примерот со Грција за отворање на граничниот премин „Маркова нога“, била разгледана можност за отворање граничен премин и кон соседна Албанија, кај местото Церје.
– По примерот за отворање на граничниот премин „Маркова нога“, мојот колега од Пустец иницираше идеја за отворање граничен премин кај Церје, со цел да ја зголемиме туристичката понуда. Преспанскиот регион да биде примамлива туристичка дестинација, три држави – една дестинација, истакна Гошаревски.
Тој посочи дека постојано се во комуникација со градоначалникот на Пустец и околу заедничка заштита на Преспанското Езеро.
– Постојано сме во координација за заштита на езерото. На Општина Пустец и се доделени четири милиони евра за реализација на проекти за заштита на езерото и промоција на туризмот. Имаме заеднички донатори, кои помагаат во реализација на проекти за зачувување на националниот парк „Преспа“, како од македонска, така и од албанска страна, рече Гошаревски.
Двајцата соговорници, како што нагласи, се согласиле дека регионот Преспа е од заеднички интерес за општина Ресен и за општина Пустец, посочувајќи дека само со заедничко делување ќе придонесат за поголем развој и афирмација на регионот Преспа.
Извор: МакПрес