Датум на објава: 03.06.2025
Со успешна реализација на едукативната програма „Вело Безбедност“, Општина Струмица го одбележа Светскиот ден на велосипедот и ја потврди посветеноста кон одржлива урбана мобилност, безбедност во сообраќајот и развој на европски вредности кај најмладите. Програмата „Вело Безбедност“ е дел од проектот „Струмица - Вело Град“ и е прва од ваков вид во државата. Нејзината цел е развој на сообраќајна култура и безбедност на најмладите велосипедисти.
На завршниот настан одржан на 3 јуни – Светскиот ден на велосипедот, 100 ученици од шесто одделение се стекнаа со Вело Легитимации – симбол на успешно завршена обука во рамки на програмата „Вело Безбедност“. Сите учесници добија и заштитни кациги – потсетник дека безбедноста во сообраќајот секогаш е на прво место. Покрај тоа, беше спроведен технички преглед на сите детски велосипеди, со проверка на сопирачки, гуми, светла, ланец, менувачи, седишта и други сигурносни елементи.
Програмата „Вело Безбедност“ се реализираше во Струмица во времетраење од 9 дена. Со програмата беа опфатени детални теоретски и практични обуки за сообраќајни правила и велосипедски вештини кои се реализираа по специјално подготвен Прирачник за велосипедско и сообраќајно образование, изготвен според условите и сообраќајната реалност на улиците во Струмица. Прирачникот ќе биде доставен до сите основни училишта во општината, со цел да се поттикне континуирана едукација и одржлива велосипедска култура. Како дел од програмата, во Испитниот центар во Струмица беше спроведена финална проверка на знаењата и вештините на учениците, каде повеќе од 70% од децата постигнаа над 80 поени од можни 100, демонстрирајќи сериозна ангажираност, посветеност и разбирање на важноста на сообраќајните правила од страна на децата.
Со реализација на конкретни активности и иницијативи во доменот на сообраќајната култура, Струмица ги унапредува условите за безбедно движење и гради урбана култура на одговорност, сообраќајна безбедност и напредок – во чекор со европските вредности.
![]() |