Датум на објава: 30.01.2021
Ништо не ги спречува жителите на градот Оулу, Финска, да возат велосипед, дури ни снегот. Тие продолжуваат да користат велосипеди како превозно средство и покрај долгите и снежни зими.
Во Оулу околу едно од пет патувања е со велосипед. Дури и во зима 12% од патувањата се со велосипед.
- Колку е постудено, толку е поубава природата - вели Тимо Перала, жител на Оулу.
Перала додава за „Јуроњуз“ дека возел велосипед на замрзнато езеро додека се враќал дома. Меѓутоа, тој не е единствениот. Над половина од студентите и учениците одат на факултет или на училиште со велосипед. Дури и во најстудените денови пред училиштата во Оулу има стотици велосипеди.
Зошто зимата не ги спречува жителите да возат велосипед?
Една од главните причини е инфраструктурата, која во градот е изградена за велосипедистите и се одржува и во зимските месеци.
- Може да бидете сигурни дека главните велосипедски патеки ќе бидат исчистени наутро - вели Ото Симола, претседател на здружението на велосипедисти во Оулу.
Семејството на Симола не поседува автомобил, па затоа тие возат велосипед или пешачат за да стигнат до која било дестинација. Во градот приоритет има чистењето на снегот од велосипедските патеки. На овој начин се испраќа важна порака за велосипедистите, односно се покажува дека тие се ценат, вели психологот Ангела Франке од Универзитетот на Дрезден.
Истовремено, жителите користат дигитална мапа за да ја следат состојбата на патиштата, а градот ги наградува компаниите што навреме ги чистат улиците.
Температурата во Оулу се симнува и до -30 Целзиусови степени, но возењето на снег е подобро отколку возење на дожд или во кал, според жителите. Температурата останува под нулата од ноември до почетокот на април во Оулу, а во јануари и февруари просечно изнесува -10 Целзиусови степени. Генерално, не е потребна специјална опрема за возење велосипед на снег бидејќи притиснатиот снег не се лизга.
Извор: Факултети Мк