Локација: Скопје
Терен: мешан, 50% вело-патека, 40% коловоз, 10% тротоар
Вкупно искачување: 30 м.
Должина: 15.00 км.
Тежина: 2 / 10
Матка — кањон на реката Треска, десна притока на Вардар, зафаќа површина од околу 5.000 хектари и се наоѓа на 17 километри југозападно од Скопје. Според морфогенетските карактеристики претставува клисура-пробојница. На овој простор посебно внимание заслужуваат карстните облици — десетте пештери со должина од 20 до 176 метри и двата пропасти со длабочина до 35 метри.
Матка претставува еден од најголемите рефугијални центри за време на ледничкиот период, што придонело денес на овој простор да се сретнат голем број реликтни и ендемски растенија и животни.
Од вкупниот број на 1.000 видови на растенија, 20% се ендемити или реликти. Од терциерните реликти, позначајни се кошаниновата темјанушка (Viola kosaninii) и наталиевата рамонда (Ramonda nathaliae). Во месноста Матка се откриени два нови видови на вистински пајаци и пет лажни скорпии. Во кањонот се регистрирани 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки. Значајно е да се напомене и тоа дека во кањонот Матка се среќаваат 77 видови на балкански ендемски мали пеперутки, а уште 18 други видови се нови за науката.
Во рамките на кањонот се наоѓа спелеолошкиот парк „Јовица Гроздановски“, наречен според трагично загинатиот алпинист. Паркот е составен од три пештери (Врело, Убава и Крштана), како и една подводна пештера (Подврело)
Културно-историско наследство во кањонот Матка
Поради особеностите на самиот терен и тешката пристапност која нудела поголема сигурност, во минатото во кањонот Матка биле изградени поголем број на цркви и манастири и останати сакрални објекти. Поради големиот број на цркви и манастири, Матка го носи и името Света Гора. Денес постојат повеќето цркви од средновековниот период, поголемиот дел се зачувани во целост, а некои се во рушевини или постојат само нивни темели. Во кањонот Матка постојат следниве цркви и манастири:
Манастир „Успение на Пресвета Богородица“
Манастир „Свети Никола“ Шишевски
Манастир „Свети Андреја“
Црква „Свети Спас“ со остатоци од ранохристијанските цркви „Света Троица“ и „Свети Ѓорѓија“
Црква „Света Недела“ (во рушевини)
Покрај верските објекти, високо во кањонот Матка, стојат и остатоците (ѕидинитие) од некогашната средновековна крепост Марков Град. Таа била изградена како збег за населението и манастирските цркви, во времето на доаѓањето на Османлиите.
До кањонот лесно се стигнува со велосипед, и од центарот на Скопје речиси 50% е возење по велосипедска патека, и 50% локален пат кој води директно до ХЕЦ Матка. Тежината на патеката е лесна и може да ја возат и почетници. За деца не е препорачливо со оглед на тоа што има возење по коловоз.
Мрежата на велосипедски патеки од центарот на Скопје, може да ја погледнете на нашата мапа на почетната страница