Датум на објава: 25.03.2021
Министерството за регионален развој и фондови од Европската Унија, во Република Хрватска, имплементираат проект за изградба на велосипедски патеки покрај железничките пруги низ државата – „Rail Ride”. Токму таква патека ќе се гради и во општината Брдовец, каде ќе се започне со изградба на велосипедска патека како дел од овој проект.
Целта на проектот е да се одговори на потребите на жителите кои мигрираат од место до место на дневно ниво. За почеток, оваа патека ќе биде со должина од 7 км, и ќе се простира долж железничката пруга од местото Султа до Брдовец. Со изградбата на патеката, жителите кои моментално го користат регионалниот пат, на побезбеден начин ќе стигнуваат до нивната дестинација. Од општината истакнуваат и дека со изградбата на велосипедската патека, ќе се зголеми бројот на велосипедисти, и дека дополнително ќе ја збогати својата туристичка понуда. Според проектната документација, патеката треба да биде широка 2,5 метри, и ќе содржи 10 одморалишта. Исто така, од општината сметаат дека овој проект ќе допринесе и за значително намалување на бројот на возилата во овој дел, со што допринесува и до реализирање на проектот „Зеленомобилен Брдовец“.
Вакви проекти и се потребни и на Македонија. Пред некое време споделивме искуство за велосипедска патека во соседна Албанија за Меѓуградско велосипеско поврзување. Иако патеката не ги исполнува сите европски стандарди, сепак е функционална, практична и безбедна. Државите од соседството и регионот, се повеќе вложуваат во изградба и унапредување на велосипедска инфраструктура. Меѓуградското велосипедско поврзување е возможно и во Македонија. Географската структура во неколкуте котлини овозможува одлични услови за изградба на вакви патеки. Тие ќе бидат од големо значење за постојаните жители кои моментално ги користат локалните и регионалните патишта за да стигнат до својата крајна цел, притоа ставајќи го во ризик сопствениот живот. Се почести се сообраќајните незгоди надвор од населените места помеѓу автомобили и велосипеди. Надминувањето на брзината на автомобилите, недоволно широките патишта, неисчистените гранки и грмушки по краевите се најчестата причина за случување на сообраќајна несреќа. Време е и велосипедистите во Македонија да добијат своја патека, по која безгрижно и безбедно би се движеле.